Линкот :
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=CFA3E ... 14C0F4135B
Датум: 28.07.2013, 17:44
ГОЛЕМ МАЈСТОРЛАK НА ВЕЛЕШАНЕЦОТ
Со пливките на Kоце се лови на Алјаска
Петар Печков
Бидејќи во Македонија немало пливки, помошно средство од опремата за риболов, велешанецот Kоце Алексов пред 30 години почна со нивна изработка, за сега да стигне до совршенство. Ова негово хоби е негова преокупација, задоволство на кое целосно му се посветил и предал. Досега има изработено околу 60 илјади пливки.
- Целта кога почнав ми беше да докажам дека и Македонецот може да изработува пливки. Тогаш ги набавувавме од соседите нишлии, кои при секое доаѓање изработуваа и продаваа и тука. Јас како рибар се решив да почнам со изработка на пливки, да докажам дека и ние можеме, а не да зависиме од соседите. Ги прекупувавме и затоа почнав со сопствена изработка. Секоја пливка има своја приказна, своја изработка, своја тајна – вели шеесет и четиригодишниот Алексов, кој е страсен риболовец.
Не се фали дека уловил големи парчиња, туку напротив неговиот улов се помали, но вели повкусни риби. Има разни видови за мирни води, за езера, мориња и за брзи води – реки. Првата работа со која се зафатил е да најде соодветно дрво од кое ќе ги изработува. Почнал да работи со сирак - срцевината од метла. Немал соодветна суровина, па морал да ја бара по планини, ниви, се мачел додека не ја пронајде каде ја има. Тогаш се судрил со прв сериозен проблем, наишол на жив песок.
- Иако не сум слушнал ниту знам дека го имало во Македонија, наидов на таков терен. Тоа е близу Росоман. Почнав да тонам и за дел од секундата се фатив за коренот од дрвото, инаку отидов. Тоа беше пред пет години, добро го помнам местото, сега го избегнувам. Не верувам дека некој го знае. Ова работа со која се занимавам е иновација, треба да се скрои метлата, да се направи корисна – додава Алексов.
Следно нешто што го усовршил, заедно со ќерката Аница, заштитата со која ги премачкува пливките е со лак кој не пука во вода, кој тие го пронашле по долго истражување. Има пливки за разни видови риба крап, амур, црвеноперка, скобал. Сите се со флуоресцентна боја, жолта и црвена. Малите точести се за на река, долгнавестите за на езеро. Мора да има прецизна соработка, како часовничар.
- С` што направив, создадов сам, без нечија помош. Експериментирав, испробував додека не дојдов до конечниот изглед на секоја пливка. Имам повеќе од три и пол илјади алатки за изработка на пливки, машините сам ги конструирав. Секој тип на риба има свој вид пливка. Не продавам од ова, подарувам на пријатели, познајници. Kој дошол сум му дал. Сам ги пробувам пливките, дома ми е ,,лабораторијата“, а на Тиквешко ги пробувам моите дела во практика . Таму знам која е вистинската. Бојата е од Јоле Kонзулот тој ме снабдува – објаснува Алексов.
Се пофали дека по долга работа, создал нова пливка, ја нарече - Пеперутка Kоце Велес, која ја нема видено на каталозите. Таа е сплесната и се врти околу себе. Изработена е од специфичен стиропор што го носи од странство. За неа не постои ветер и бранови. Преку велешки зет, бизнисмен со неговите пливки се лови на Алјаска. Тој бил на гости во градот и кај пријател на Алексов, страствен риболовец ги видел пливките, побарал неколку и потоа кога стигнал таму се пофалил дека се одлични, квалитетно изработени и дека се функционални.
- Оваа моја работа е голем љубов, макотрпна работа, не се работи за пари. Цел ден сум посветен на неа. Ова е уметничка работа. Ги изработувам со калап, тој е многу тешко да се создаде. Толку сум внесен во изработката на пливки што ни моите не можат да ме разберат – завршува Алексов.
#