Испечатете ја страната
Пчиња

Пчиња

Пчиња по должина е втора лева притока на Вардар. Изворот и се наоѓа на територијата на Република Србија, поточно под врвот Бела Вода на планината Дукат на надморска височина од 1.664 м, а во Вардар се влива во Таорската Клисура на надморска височина од 191 м. Вкупната должина на речниот тек изнесува 135 км со среден пад од 10,9 промили. Има сливна површина од 2.840 км2 од кои во Р. Македонија 2.317 км2 а во Вардар средногодишно внесува 16 м3/с вода. Минималните водни протоци кај Катлановска Бања изнесуваат 1,30 м3/с а максималните 702 м3/с.

Пчиња е настаната по долга еволуција од некогашната притока на поранешното Скопско Езеро. Во својот горен тек Пчиња тече низ клисуреста долина со местимични ерозивни проширувања. Најтипична во тој однос е делницата помеѓу Ново Село во Србија и с. Пелинце во нашата Република долга околу 15 км, широка 40 до 50 метри со висина на страните околу 200 м и наклон од 22‰. Од изворишнито дел Пчиња свртува во голем лак кон југозапад и југ и под манастирот Св. Прохор Пчињски влегува на територијата на Р. Македонија и низ неа тече во должина од 76 км. Од излезот од клисурата кај с. Пелинце, Пчиња влегува во Кумановската Котлина, во која долината и се проширува а од Младо Нагоричане веќе се образува и пространа алувијална рамнина, со површина од 3.000 ха на апсолутна височина од 200 до 300 м и наместа широка повеќе од 2 км. На овој потег во Кумановската Котлина, Пчиња тече во должина од околу 30 км, има наклон само од 2,5‰, меѓутоа овде ги прима своите две главни притоки Крива Река кај с. Клечевце и Кумановска Река кај с. Доброшане. На своите утоки обете притоки изградиле ерозивни проширувања.

Други поголеми притоки на Пчиња се: Бистрица (17,5 км), Драгоманска Река (11 км), Петрошница (23 км) и реката Лука (17 км).

Крива Река извира под Царев Врв на Осогово на надморска височина од 1.880 м, а се влива во Пчиња како што наведовме кај с. Клечовце на 295 м надморска височина. Долга е 85 км, има површина на слив до 985 км2 и просечен пад од 18,6‰.

Кумановска Река е долга 44 км и има сливна површина од 460 км2 и релативен пад од 24,1‰. Најголема нејзина притока е Липковска Река на која се изградени вештачките акумулации Липково и Глажња и која во изворишниот дел е позната под името Бреза.

Од утоката на Кумановска Река под Краста па до с. Пчиња, р. Пчиња одново навлегува во кратката Бислимска Клисура долга само 6,5 км, за да потоа тече низ речно проширување исполнето со езерски седименти кое во горниот дел е широко до 2 км, а во долниот дел 200 до 300 метри. Текот на Пчиња тука е бавен, а коритото доста плитко. Од с. Бадар до вливот во Вардар, Пчиња пак тече низ типично клисурест дел а тоа е Бадарската Клисура долга 9,5 км.

Основни карактеристики на сливот на Пчиња кој во целост има просечна височина од 760 м, е присуството на интензивни ерозивни процеси. Како нивна последица на повеќе места во коритото на оваа река, како и на нејзините притоки е депониран огромен наносен материјал, а и самата вода во Пчиња при секои врнежи редовно е матна.

Големина на рибите под која не смеат да се ловат

Пастрмка 35 см

Бела мрена 35 см

Црна мрена 15 см

Клен 25 см

Скобуст 25 см

Крап 40 см

Попадика 20 см

Сом 70 см

Се забранува лов на риби по видови во определен временски период поради мрестење, и тоа:

Пастрмка Од 01. октомври до 15 февруари наредната година

Сом Од 15. април до 15. мај

Скобуст Од 15. април до 15. мај

Попадика Од 05. мај до 15. јуни

Клен Од 05. мај до 15. јуни

Крап Од 05. мај до 15. јуни

Бела мрена Од 15. мај до 30. јуни

Црна мрена Од 01. јуни до 30. јуни

Покрај забраната за риболов за време на мрестењето, а заради поголема заштита и зголемување на популациите не е дозволен риболов на пастрмка и сом во деновите од понеделник до четврток, (со исклучок на државните празници).

Сите случајно уловени примероци од наведените видови, во периодот на забрана мора во жива состојба и неоштетени да се вратат во риболовната вода.

Забрането е секакво изнесување на рибите за кои е определена забрана, нивно убивање, како и ставање во секаков вид на чуварки.

Се забранува вршење рекреативен риболов на природното плодиште на Крива Река во делот од 200 м пред првата каскада пред градот крива Паланка, па се до излезот на Крива Река од Крива Паланка.

Се забранува вршење рекреативен риболов секаков вид на риболов во периодот од 1 април до 1 јуни на локациите каде се мрестат рибите:

Река Кумановка - од влив во Пчиња па 1 км возводно;
Река Пчиња - дел на Пчиња 100 метри над вливот на р. Кумановка
Река Пчиња - дел од р. Пчиња, 100 м. над објектот “каскади” и 200 м. под објектот “каскади”
Река Пчиња 200 м пред влив во Вардар до сам влив Крива Река - делот од с. Рудари па се до вливот во Пчиња

Се забранува вршење секаков вид на риболов во периодот од 1 октомври до 1 март на локациите каде се мрестат рибите и тоа:

Река Бистрица - од изворот до вливот во Пчиња;
Крива Река - од изворот па низводно до с. Жидилово.

Дозволениот дневен улов по видови риби за риболовните ревири Пчиња 1 и 2, Крива Река 1 и 2 и рекреативните зони “Отошница” и “Бадар” се определлува на:

Дозволениот дневен улов по видови риби за риболовните ревири Пчиња 1 и 2, Крива Река 1 и 2 и рекреативните зони “Отошница” и “Бадар” се определлва на:

Пастрмка до 2 (два) примероци

Крап 1 (еден) примерок

Сом 1 (еден) примерок

Бела мрена до 5 (пет) примероци

Скобуст до 15 (петнаесет) примероци

Клен до 10 (десет) примероци

Попадика до 15 (петнаесет) примероци

Црна мрена до 20 (дваесет) примероци

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба за риболовните ревири “Пчиња 1” “Пчиња 2”, “Крива Река 1” “Крива Река 2” и рекреативните зони “Отошница” и “Бадар” е вкупно 3 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец на ден, не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати макималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 3 кг. влегуваат и сите останати видови на риби кои досигнуваат помали должини (белвица, кркушка и др.).

За видовите “калифорниска пастрмка”, “сончаница”, “сребрен карас” и “амурче” нема никакво ограничување и може да се ловат во сите должуни и во неограничени количини.

Во дозволен риболовен прибор за рекреативен риболов спаѓаат: риболовни трски, риболовни машинки (орши) и разни видови на природни и вештачки мамки.

При вршењето рекреативен риболов на пастрмка може да се употребува само една риболовна трска, со или без машинка (орша) и задолжителна упореба на вештачки мамки. Дозволена е употреба на следните вештачки мамки: еден блинкер со една јадица (трокрака, двокрака или едникрака) или еден воблер кој може да има до две јадици (трокраки, двокраки или едникраки) или три вештачки мушички кои можат да имаат еднокраки јадици.

При вршењето рекреативен риболов на останатите видови риби, дозволена е употреба на максимум две риболовни трски со по три јадици на трска или максимум три риболовни трски со по една јадица на трска, со или без машинка (орша) и употреба на сите видови природни и вештачки мамки.

Прегледано 10686 пати

Галерија