RIBAR.com.mk

RIBAR.com.mk

Администратор

URL на вебсајтот: http://www.ribar.com.mk
Петок, 20 Октомври 2017 07:47

Многу едрење и малку риболов

Повторно на октомвриска регата и секако трските со мене.
Иако е многу тешко да се усогласат едрењето и риболовот, сепак не може човек да не ја понесе со себе и риболовната опрема.
Идеата е доколку е можно да се риболови на тролинг доколку истото не смета на едрењето.
Кога се едри, се едри со некоја брзина помеѓу 6 и 8 чворови и за да се риболови потребно е да се најдат воблери кои ќе работат правилно на таа брзина. 99 % од воблерите се неупотребливи бидејќи не се предвидени за овие брзини и искокнуваат лево и десно од правецот на движење. Сепак ќе се најде по некој кој работи.
Бидејќи имаше 18 наши едрилици на оваа регата доста од нив кој уз пат и риболовеа и имаа улови. Се фати и еден инглун од 1м. Повеќе дорада, но сепак најчест улов беа паламидите и луцовите, пелагиски врсти на риби кој во овој период доаѓаат во приобалата.
Имавме многу улов и многу откацувања, најмногу заради тоа што не може да се спуштат едрата и намали брзината на бродот. Доколку се оди со некој нормален рибарски чамец веројатно уловот не би бил помалку од 20-тина риби дневно.
Ние уловувавме по 5-6 парчиња.
Убаво помината недела на море.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави повик за добивање средства од Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2017 година.

Средствата се наменети за изградба на нови капацитети, проширување, реконструкција и модернизација на постојните објекти за аквакултура, како и изградба на нови капацитети за преработка на рибите и набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите.

Од Агенцијата информираат дека финансиската поддршка ќе се исплаќа по принцип на кофинансирање на реализирани и исплатени инвестиции во висина од минимум 50 проценти до максимум 65 проценти од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.

Вкупната вредност на исплатени финансиски средства не може да надмине износ од 3.500.000 денари.

За средствата за изградба, проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постојните капацитети за аквакултура може да аплицираат субјекти кои се запишани во регистарот на одгледувачи на риби, а средствата за изградба на нови и модернизација на постоечките капацитети за преработка на риби може да ги користат микро, мали и средни претпријатија регистрирани за аквакултура кои користат недвижен имот на којшто планираат да изградат преработувачки капацитети.

Барањето со потребни документи и упатсвото за корисниците може да се преземат од веб страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk

Крајниот рок за поднесување на барањата е 16 октомври.

Охридското Езеро денеска е порибено со 100.000 единки подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка. Во порибувањето учествуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со претставници на Хидробиолошкиот завод и Државниот инспекторат за земјоделство.

Оваа количина, информираат од МЗШВ, е дел од вкупно планираните 2.500.000 единки за цело езеро. Акктивноста започна на 11-ти овој месец и континуирано ќе се спроведува до првата половина на октомври. Пастрмката е на возраст од 6 до 9 месеци, со тежина од три грама и должина до седум сантиметри.

- Станува збор за редовна активност согласно Законот за рибарство и аквакултура, со кој државата е задолжена за порибување на риболовните води врз основа на риболовната основа изготвена од надлежните овластени институции. За оваа активност во Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата се предвидени средства во износ од 10 милиони денари. За изведување на вештачкиот мрест и порибување на езерото, Министерството склучи договор со ЈНУ Хидробилошки завод од Охрид и со Институтот за сточарство при УКИМ– мрестилиштето Шум од Струга, соопшти МЗШВ.

Паралелно со активностите што се спроведуваат за порибувањето од македонска страна, порибувања се вршат и на албанската страна на езерото.
- Потребната количина на порибителен материјал за изведување на порибувањето е утврдена во риболовната основа за Охридско Езеро, во која е предвидено порибувањето на Охридското Езеро за периодот 2017 – 2022 година да се врши со 2.000.000 единки од охридска пастрмка секоја година. Риболовните основи се стручни студии за начинот на стопанисување во риболовните води и со нив е одредено со колку единки треба да се пориби одредена риболовна вода. Но, секогаш доколку во одредена вода се случи некоја промена, постои можност за ревизија на истата, се прецизира во соопштението од МЗШВ.

Оттаму нагласуваат дека согласно законот, континуирано се врши прибување на отворените риболовни води.

- Токму затоа во годишните Програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата, се предвидени мерки и се обезбедени финансиски средства за изведување на вештачки мрест и порибување на риболовните води. Акцентот е ставен на порибувањето на природните езера, а особено на Охридското Езеро, заради зачувување на ендемскиот вид на Охридската Пастрмка. Вкупната финансиска поддршка за годинешната Програма за рибарство и аквакултура изнесува 90 милиони денари, велат од МЗШВ.
Во фаза на подготовка е, додаваат, Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2018 година. - И за наредната година ќе се предвидат финансиски средства за обезбедување на потребните количини квалитетен и здрав подмладок од охридска пастрмка, за што Владата на Република Македонија ќе ги обезбеди потребните финансиски средства, прецизираат од МЗШВ.

Потсетуваат дека во периодот 2005-2016 година Охридскиот и Струшкиот дел на езерото вкупно се порибени со над 20 милиони единки подмладок од охридска пастрмка со просечна возраст од 6-9 месеци, за што се исплатени вкупно средства во износ од околу 61 милиони денари.

- Во насока на заштита и одржување на рибниот фонд, како и заради планско експлоатирање на рибите, а во согласност со Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните води од Охридското езеро се доделени на концесија, се посочува во соопштението од МЗШВ.

Со оглед на тоа дека концесијата за вршење стопански риболов на сегашниот концесионер за Охридско Езеро, истекува наредната година, на почетокот на 2018 година е предвидено започнување на постапка за доделување на нова концесија за наредниот шест годишен период.

- МЗШВ континуирано ќе презема мерки за одржување и зголемување на рибниот фонд, во соработка на науката односно Хидробилошкиот завод и Институтот за сточарство при УКИМ. А улогата на Државниот инспекторат за земјоделство е редовниот инспекциски надзор над спроведување на концесијата. Честите инспекциските контроли придонесуваат за заштита и оневозможување на евентуална злоупотреба на рибниот фонд, порачуваат од МЗШВ.

Четврток, 28 Септември 2017 08:03

Репортажа од TROUT CUP 2017 Михалково Бугарија

Од 22 до 24 септември се одржа TROUT CUP 2017 Михалково Бугарија спин куп во лов на пастрмка со вештачки мамки на кој што и ние добивме покана за учество.
Пријавени за учество беа 29 натпреварувачи од Бугарија 4 од Србија и 1 од Македонија
Програмата беше следна:

Петок
Рано тргнав за Софија каде што беше договорено да не чекаат мене и србите и понатака да не однесат до местото Михалково кое се наоѓа на 230 km од Софија.

По неколку часовно возење пристигнавме и директно на стаза каде беше закажан тренинг. Реката Врча релативно мала со низок водостој.

На ревирот е забранет слободен риболов се користи само за натпревари и купови.
Теренот среден очистен за да може слободно да се движиме по стаза. Прво се порибуваше па по еден час започна тренингот.

Се ловеа риби на спинери, кашики, воблери и силикон со нано џиг глави или само со јадици без отежнување.

По завршување на тренингот се упативме кон Еко Чифликот ГАГОВИ НИВИ кое е во сопственост на организаторот и повеќе кратниот бугарски шампион во спин Георги Гетов каде што ни беше обезбеден престој за наредните три дена. Местото на врв на планина на околу 1000 м.н.в. мирно тивко и солидно средено. За изненадување WIFI-то беше одлично.

Како добри домаќини се потрудија да престојот ни го направат уште поубав па пробувавме различни ракии и вина, плескавици подготвени од диво , сирења кашкавали ...
Вечерта помина во убава дружба, влечење позиции за утрешните две кола и рибарски муабети

Сабота
Станување рано доручек, припрема за натпревар па пат до стаза која беше одалечена околу 5 км
Пред секое коло се порибуваше со калифорниска и поточна пастрмка и вкупно беа пуштени околу 1700 риби со просечна големина од 200 гр.
Стазата поделена во два сектори. Во секој сектор по седумнаесет натпреварувачи и по триесетина бокса по сектор.Две бази од каде се тргнува во избор на бокс по редоследот добиен на ждребката.

Главниот судија ги чита натпреварувачите по редослед во размак од 30 секунди за кои секој натпреварувач треба да избере бокс.Наредниот бира од сите неодбрани боксви и така се додека последниот натпреварувач не застане. Со свиреж од судијата започнува натпреварот. секој натпреварувач може да менува колку сака боксови и може да лови во секој слободен бокс. Едно коло се состои од четири рунди по 45 мин и при секоја рунда излезот на такмичарите е со различен ред број така да секој има еднакво право на избор на боксови во текот на колото.

По завршетокот на колото се сумираат резултатите и се впишуваат пласманите
Резултатот е следен

По неколку часовна пауза повторно порибување и почеток на второ коло

Резултатот

о првото коло во сектор Б завршив на 12 место а во второт во сектор А на 9 место
По сумирањето на резултатите по двете кола бев на 23 место со надеж дека утре во последно коло ќе постигнам подобар резултат и ќе се искачам во горниот дел од табелата

Вечерта исто како и предходната дружби муабети пиење и прекрасно јарешко подготвено во фурна.

Недела

Пристигање на стаза и водата голема. Над река Рача има акумулација па се чекасе да падне водостојот за да се пориби.

Започна и третото коло во кое не ми се остварија желбите. Слаб излез и слаб резултат.

Резултатот 16 место во трето коло со што на крај завршив на 26 место.

По натпреварот следеше прогласување на победниците.

1 место -Тодор Костадинов кој на светско првенство има освоено бронзена медалја
2 место - Петар Лаков кој е освојувач на TUC оваа година
3 место - Дарко Пертот од Србија

За крај, одлична организација, фер судење и многу гостопримливи домаќини.
Се беше во супер. Стекнати нови искуства во спин риболовот.

Благодарност до нашиот Предраг Димитриевски од Босна кој ме воведе, несебично ми ги пренесе неговите знаења и ме запозна со овој тип на натпревари.

Овој пат есента буквално ја дочекавме во Дебарскиот крај.
Повод-спининг; Причина - спининг.

Се собравме тројца спинерџии, Гони , Пирати, ЦТС-клен, и по направена детална анализа се решивме да го посетиме Дебарско езеро и обидеме да прелаземе некој кленко. Во игра беше и Мавровско, ама за да не ни се брои како тренинг за престојниот Спин куп се решивме за тренинг на Шпиље.
И така наострени за тие покрупните навивме будилниците.

Тргнавме со време во ниедно време, таман на разденување гимнастика со местење чамецот. Не знаевме која страна да ја фатиме, три чешми или косоврасти, па се спуштивме кај кафаната на брана. На која страна да тргнеме? Пресековме накај три чешми и тргнавме.
Уште незавеслани, оппп изненадување. Нешто зелено по површина??? Зарем е можно? Алга на Дебарско. Wtf...
Гони на оваа локација риболови од мали нозе и ова се немало случено. Не многу, по површината беше прошарано зеленкасто и надоле малце зелено брашнесто. Плетеницата оставаше убави траги по површината, точно се гледаше како сме фрлале, покривање сектор максимално. А почнавме со фрлање од чамец према брег, за најголем кеиф. Арно ама веќе не беше ни пролет ни лето, па како што и очекувавме рибата се беше повлекла во подлабокото. Немаше никаква акција на потег од околу 1км и почнавме да мењаме тактики. Железото беше спремно и почнавме со пребарување по морското дно.

Се отвори прекрасен сончев ден.
Атмосфера супер во супер друштво, поготово Пиратот беше у елемент за јаки заебанции.

И така, измена на тактики и почнаа да искачаат првите кленковци, помали парчиња. Се фрлаа кашики и цикади помали полесни 7-8-12гр.
Наидовме на уште една екипа во глисер па малце разменивме мислења на вода. Снимивме и на што ловат, тројцата на воблери плиткоронци без отежнување.
Викаме ние слабо вие? Па така...слабо...Викаме абе алга? Па алга, ама вчера не му сметаше добро поминавме. Вика Гони, јебига така е скоро стално вчера јадело.
Одевме на варијанта да извозиме подалеку накај три чешми во надеж дека ќе се намали алгата. Ја имаше периодично и пак се јавуваше, нисто. Така да решивме да се враќаме назад и одиме контра накај Косоврасти во потрага по бистра вода. По пат Пирати улови неколку клена на цикада кај едно потопено дрво по крај, за нешто повеке од приобална акција ќе почекаме до пролет.....
Пукање пентата до даска со 4кс летавме по вода, на моменти и глисиравме.
Упаливме и електро пентата и влеговме во ворп брзина.
Со мали попатни паузи, на мекиците на стража, и по некоја цигара.

Гони употреби и помош од пријател, и се распраша од локален експерт на која длабина напаѓа кленот.
Добивме информација дека е тоа на 30 метра длабина и 5см над дно

И така тргнавме накај познатите како во мал џеп локации на Гони, на специјално место карши градот.
Така и бидна, негде на 37 метра длабина почнаа да се редат удари.
Малце и за тактиката/мамките. Користевме цикади до 10тина грама (тонеа до дно цела вечност), кашики од 10-20 грама, а пробавме и тролинг воблери со отежнување 30-50 грама. Цикадите & кашиките ги пуштавме да тонат до дно, а Пират не информираше дека он ги спушта до 5см над дно.
Гони имаше топ олова со лесно закачување директ врз плетеница, олова Маде ин Итали, имав и јас ама дома.
Таман почнавме да се редат удари и почна да ни снемува батерија од апаратите на сите тројца па успеавме да ја сликаме само оваа риба.

Се пушти по 20грамска кашика Абу тоби. Убав здрав удар. Но, рибите беа одвај закачени, сосема малце на врв од уста. Затоа и работа со железата споро споро.
Кај Гони дојде сличен кленко на воблер со отежнување од 30 грама.
Веќе видно уморени мала пауза (не излеговме од чамец ни за мочање).

Продуживме да цепаме накај Косоврасти и навлеговме во теснецот. Таму се сретнавме со уште една екипа во чамец. Размена на информации, дечките коректни подигнаа чуварката, имаа неколку осредни клена. Не подзагледаа онака брендирани, тројцата во исти маици, и се поздравивме.

Свртевме неколку места и во теснецот без поголем успех. Прогнозата за времето почна да се остварува и да се наоблачува. Ионака во план ни беше порано враќање па добро е што запукавме назад и да се прибираме.

Пакување и дигање цела опрема, езерото паднато не многу. Ама 30 метра не се малце, ај цела опрема ама и толку риба да се качи.

Тргнавме полека накај дома и небото се повеќе се затемнуваше. На пола пат до Маврово веќе заврна. Застанавме кај Трница, нешто тамо е реновирано и има нова продавница уредно средена за млечни производи Трница-Кораб. Пазаревме мешана скара: овчо сирење, козјо сирење, кашкавал овчи зреен 2години...

И како што најави насловот, навистина буквално возејќи влеговме во есента. Неверојатно како од убав сонцев ден се претвори во есен.

Се разбира , РИБАР 2011 Форевер.

БИСТРО и до следната дружба поздрав со уловот на денот.

Среда, 27 Септември 2017 13:47

Спин дружење Маврово 2017

Колеги, другари, рибари, на 01.10.2017 во недела ке се одржи риболовно дружење на Мавровско Езеро во спин техника. Ова ќе биде како втор дел од дружењето кое се одржа и беше прекинато поради лошите временски услови во месец Мај. Во план е да биде од два дела првиот утрото на Црн Камен од 7.30-8 часот до 12, Пауза за кафе или доручек и втор дел на потегот кај браната во Маврови Анови. По завршувањето на дружбата да се собереме во Мал Одмор да се сумираат резултатите и впечатоците. Планирано е да се собереме околу 7 часот и да се договорат деталите. Во соработка со НП Маврово ќе дојде рибочувар на лице место да се извадат дневни дозволи. Доколку некој има некоја идеја може да ја пише тука. Повелете да се дружиме во недела.

Вторник, 19 Септември 2017 08:32

Берсин ... тренинг со Јане

Берсин ... прекрасна вода на само 150 км од Скопје .
Вода во која никој не знае што се крие, вода полна со природна храна .
Бидејки се пријавивме на Купот на Берсин од 21-24 Септември, решивме со Јане да направиме еден тренинг риболов и да пробаме како работат мамците. Јане отиде уште во четвртокот да намести позиција а јас стигнав во петокот рано сабајле. Времето беше перфектно, исто како и најавата за него. Според прогнозата не очекуваа три сончеви дена со малку облаци и слаб ветер кој ни одговара. Но не е секогаш по прогноза.

Позицијата наместена, Јане ја резервираше позиција 3, кампот наместен и трските фрлени. Уште не истоварен веќе имаше 4 удари на трските на Јане. Малиот крап активен и решил да се храни :) Набрзина ги извадив и моите трски, се наместивме и уживањето можеше да започне .

Ударите се редеа, почнаа да се редат риби од 500-800 грама, земаше на една бојла, на две бојли ... на 2 - 20ки, на снешко, на диповано, на сингл мамец ... буквално земаше на се. Меѓу ситните секогаш доаѓа и некој крупен :) Имавме удари кои биквално ги изместуваа трските. Се извадија и убави риби но немавме среќа да добиеме капиталец. Најголемата риба беше 6,2 кг.
Неколку слики од уловите.

Поздрав до сите колеги од убавиот Берсин и поздрав до Иван кој е одличен домаќин.

Eднодневна рибарска авантура решивме да ја поминеме на Дебарското езеро на состав со река Радика.
Имавме информации дека многу рибари идат и дека многу бојник се вади.
Со таа мисла и ние тргнавме во риболов на бојник.
Секогаш атрактивниот состав не пречека рано изутрина како што го замислувавме и слободен цел ревир, ние први рибари бевме.
Си фативме позиција, а набргу дојдоа и други колеги и веќе за саат време сите места беа зафатени, што покрај река, покрај езеро, а и на мостот на улив. Рибар до рибар беше...
Риба се вадеше претежно ситни бојничиња до пола кило најголеми.
Плашката беше активна и многу ретко по некое ситно кленче, а крупниот клен го немаше.
Риболовевме на трева, леб и бели црви.
Денот се погоди прекрасен, водостојот стабилен, све на све одлично поминато време покрај вода на најубавото Дебарско езеро и река Радика.
Се видовме и слушнавме со други колеги кои беа на другата страна кај чечмите ама викаа турбините биле сите пуштени и рибата не јадела, а бојник имало се гледал многу. По Радика исто така имаше доста рибари кои ја бркале пастрмката.
Исто и на другиов састав имаше многу бојник но не беше нешто посебно активен и тука беше со молење...
Риба има е сега кој ќе го погоди денот ќе истера добар мерак, инаку од овој ревир секојдневно веќе цело лето се вадат многу бојници и ќе се вадат до крај. Кој сака да истера мерак нема промашај составот !
Тоа е од нас од оваа аватура, поздрав и бистро до следна

На поканата од Давор - leunovo за да го дружам на натпревар во ловење пастрмка со вештачки мамци-спин техника на река Моравица, во Алексинац, Србија не ми требаше многу убедување. Решивме, ќе одиме, иако и двајцата прв пат учествуваме на ваков натпревар, немавме речиси никакви информации за водата, типот на мамци кои може да бидат добитни на соодветниот ревир, сепак желбата да учествуваме беше огромна. Натпреварот(купот) требаше да се одржи на 12.08.2017 (ден сабота),деновите изминуваа пополека, возбудата растеше со секој изминат ден, па за малку и да го утнеме натпреварот. Имено, и двајцата мислевме дека натпреварот е во недела, а не во сабота, возбудата и андреналинот си го направија своето и на 2 дена пред натпреварот, Давор примети дека натпреварот е во сабота, а не недела! :) Добро,барем на време беше приметено. Одиме понатаму...
Петок, 11.08.2017, време, попладне.
И двајцата со работни обврски, нели, петок е, и баш тогаш мора се да се заврши, едвај излеговме од работа, на брзина допакување и се наоѓаме на паркинг. Давор имаше спремено изненадување, маици и капчиња со логото на Рибар 2011, супер, одлично стојат, а се надеваме дека и ќе ги "прославиме" таму на купот. Тргнавме на пат, и за час бевме на граница, таму метеж, лето, туристи, па имавме задржување од 45 минути. Патот до Алексинац ни помина релативно брзо, таму бевме на зајдисонце. Се најдовме со организаторите, со Владица, со Дарко, Александар,Урош кои несебично ни ја покажаа реката, стазата, боксовите, па откако направивме куса прошетка по реката, отидовме во најблиската кооперација, да се подружиме и
да размениме два-три реда муабет. И Заечарско(пиво).Веќе стана доцна и бевме уморни, имавме се на се, околу 3 и пол часа за спиење. Отидовме на спиење.

Сабота,12.08.2017
Пет часот наутро и ние сме веќе на нозе, ги спремаме трските, мамците, оние мамци што не им беа скратени контра-јадиците, ги скративме(тоа беше едно од правилата, да се лови со јадички без контра-кука) и правец-Моравица! Пристигнавме на договореното место за собирање на натпреварувачите и полека-полека, покрај организаторите, почнаа да доаќаат натпреварувачите. Инаку, од Македонија бевме само Давор и јас, имаше натпреварувачи од Бугарија (7-8) и сите останати беа од Србија. Инаку, реката Моравица е прилично малечка река која истекува од Бованското езеро и на одредени места прави вирови, мали брзаци, но не е планинска река. Беа обележани боксови, во кои по ждрепката и по читањето на редоследот, со мали паузи меѓу два натпреварувачи,можеше да има само по еден натпреварувач. Задолжителна опрема беше кепче, во случај на улов, рибата не смее да се крева над вода и да се вади на камења туку во кепче, се повикува судија да го регистрира уловот , се вади јадичката од рибата (сето тоа во кепче, придржено со рака одоздола) и се враќа назад во реката. Не смее да се лови со мамци со контра-кука, од избор на мамци беа дозволени воблери, блинкери, силиконци, кашичиња без додатоци како волница и разни светкави влакна. Се бодува уловена риба, без разлика на големината, значи само бројот на рибата играше улога. И во мојот случај, ждрепката. И неискуството.
Извлеков 28 број од 31, и на крајот и на тоа 28 место завршив. Давор беше 17 по ред да бира бокс. Натпреварот се одвиваше во 4 рунди од по 45 минути кои беа бодувани посебно. Меѓу секоја рунда има 15 минути пауза во која треба да се дојде до централниот бокс и да се пријави резултатот од рундата кај главниот судија. За генералниот пласман, и како се пресметуваа бодови, ќе оставам да каже Давор, во секој случај, доста фер начин на бодување заради кое постои и неизвесност до самиот крај.
Натпреварот почна со мало задоцнување додека да се соберат сите натпреварувачи, времето беше ужасно жешко, веќе во 2 рунда бевме дехидрирани со Давор. Пола литар вода од човек беше премалку за да се издржи натпреварот. Откако се одреди редоследот, по читањето, секој натпреварувач се упатува кон слободен бокс, по слободен избор, битно е да нема двајца истовремено во боксот. Давор отиде пред мене, а јас речиси на крај и немав некој голем избор, некои од боксовите кои сметав дека ќе се добитни веќе беа зафатени. Што е , тука е. Откако сите ќе се сместат, се дава сигнал со свирче и натпреварот почна. За кратко време, бам, удар и риба! Не поминаа три секунди, откачување! И да не должам многу, имав откачувања до крајот на 4 рунда.Давор беше поуспешен во првата,втората и четвртата со три,една,една фатени риби, додека јас единствената риба што успеав да ја извадам, беше во третата рунда. Натпреварот беше планиран да трае некаде до пладне, но без разлика на тоа, сонцето бесмилосно пржеше и беше претопло. Дури имаше и мртви пастрмки по реката, веројатно заради недостаток на кислород.
На крајот, се завршија сите 4 рунди, се преброија бодовите и победник беше младиот Ранко Вукмировиќ. Давор заврши на 13-то место, а јас како што кажав, на 28. Од реката, сите се упатија кон локалната кооперација каде беше организиран ручек и доделување награди за првите тројца на натпреварот, и каде според еден од колегите од Србија, "sad pocinje najlepsi deo takmicenja" :D Масите беа поставени со салати, печење,пиво, од пиле млеко, па дружбата можеше да продолжи. Се разменуваа шеги, спомени, искуства, за на крај да бидат доделени и наградите за првите три места и да биде прогласен победникот на купот, младиот и надежен спинерџија Ранко Вукмировиќ. Од се срце му честитаме на победникот и да продолжи со тоа темпо и понатаму! :)
Времето брзо пројде и дојде момент да се разделиме од нашите колеги, домаќини, пријатели, се поздравивме и си посакавме што поскоро пак да се дружиме на вакви убави натпревари. Не чекаше уште еден ден во Србија, возење до уште еден град, а таму...таму не чекаше нешто кое што долго време нема да го заборавам. Природни, домашни сувомеснати производи, домашно винце, ракија од дуња и убави разговори.
За крај пред враќање дома во Македонија, по едно кафенце со мавровскиот шампион и не пречека една интересна глетка. Дома, каде што "vecno sunce sja". :)
Огромна благодарност до Давор-leunovo, без кого не би можел да бидам дел од оваа прекрасна риболовна авантура.!
До следниот натпревар, бистро на сите! :)

И оваа година по 8-ми пат Риболовниот клуб Крап од Радовиш го организираше традиционалниот Интернационалниот КУП-натпревар во спортски риболов во дисциплината Пливка, кој се одржа на езерото Мантово во Радовиш.
На овој натпревар кој беше под покровителство на Општина Радовиш и градоначалникот Сашко Николов учествуваа 11 екипи од Македонија и Србија, а најдобро пласирани беа натпреварувачите од екипата на Трофеј од Струмица, втори беа гостите Наис, од Ниш, Србија, додека третото место го освоија натпреварувачите од Бабуна, Велес.
Во поединечен пласман најдобар беше Душан Живојновиќ во Наис, Ниш Србија, втор беше Предраг Џорџевиќ исто така од екипата на Наис, Ниш Србија, додека со третото место се закити Коцев Слободан од Трофеј, Струмица.
Наградите и признанијата за најдобрите ги додели градоначалникот на Општина Радовиш Сашко Николов и советникот за спорт и култура при Елс општина Радовиш Игор Чапов.

Победници во екипна конкуренција
1-во место – ТРОФЕЈ Струмица
2-ро место – НАИС Ниш, Србија
3-то место – БАБУНА Велес

Победници во поединечна конкуренција
1-во место – Душан Живојновиќ, НАИС Ниш, Србија
2-ро место – Предраг Џорџевиќ, НАИС Ниш, Србија
3-то место – Коцев Слободан, ТРОФЕЈ Струмица

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo          spin fly          pastrmka          bistroinspekcija