РОБИНЗОН Брада

РОБИНЗОН Брада

Во август на риболов поминав петнаесет дена во три кампањи. Решив да направам мала пауза, но таа се одолжи скоро цел месец. Не е дека не планирав но некако плановите се беа јалови. Со тешко срце на крај решив одам САМ. Пред 10 години бев сам на риболов, на Вардар. Иако кампањата беше планирана на 5 дена, по изминати 3 дена и 2 ноќи збеснав. Се спакував и си дојдов дома. Одам од среда до недела, од 21 до 25 септември. Овој пат ќе издржам па што сака нека биде.

Среда 21 септември

Сабајлето на раат со сопругата се напивме кафе и ја испратив на работа. Си ја натоварив колата и во 08:00 влегувам во Јасен. Не брзам никаде. Денес денот ми е предвиден за поставување на логорот. Да го накрмам местото. Зафрлам иако првиот ден никојпат не очекувам удар на крап. Вечерта и ноќта да но дента ако удри удри.

Времето никакво. Лигаво. Врнр па ке престане. Не е некој силен дожд но досаден. И ветер дува. Појако, послабо па ке престане. И пак од почеток.

Логорот е поставен.

Се крми со Арка - Т5. Последниот мој брод кој по репарирање од последиците кои ги има добиено за време на невремето кое ја погоди Македонија во почетокот на август повторно е во функција.

И конечно во пладне сите планови се исполнети. Зафрлени се и стаповите.

Водата постепено си паѓа. Поставен е и маркер на брегот како би можел да го пратам нивото на водата.

До вечерта имам само 3 спуштања на свингерот и неколку кратки титкања. На крмата е собрана ситна риба, но по ситната ке дојде и крупната.

Одвреме навреме се проверуваат боилите.

Се стемнува и полека се повлекувам во шаторот. Околу 20 часот почнува да станува интересно. Почнува да рипа риба на моето хранилиште. Освен попадика и клен рипа и голем крап. Го очекувам да се спушти во длабочина на моите мамци. 21, 22, 23 часот. Нема акција и веќе е досадно, а и дождот одвреме навреме ќе заврне. На спање. Треба да се стане рано. Да се префрли и накрми и да се чека утринската активност на крапот. А може и да не ми даде да спијам ноќеска. Кој знае.

Четврток 22 септември

Нешто пред 5 пишти базата. Убав ран. Како попарен излегувам од вреќата за спиење и уште побрзо од шаторот. Стапот ми е во раце, контра и отпор. Убаво тегне. Наваму, натаму и по куса борба крапот е во кепот. Набрзина сместен во сак и назад во шаторот. Ладно и многу влажно. Додека чекам саатот да ми ѕвони за утринско префрлање и крмење, бидејки не ми се исплаќа да легнам си го подготвувм првото кафе. Температурата во шаторот е едвај 13 степени, но плинот додека го варам кафето ја подига температурата на пријатни 18 степени.

Накрмено, префрлено и чекам на утринска активност на крапот.

И сонцето излезе а јас сеуште чекам. Нема активност.

Под дејствие на утринското сонце целит крај е прекриен со измаглица.

Некаде околу 9 свингерот почнува да се симнува. Ке се поткачи па пвторно надоле. Се мота нешто околу бојлата и срамежлив ран. Следи контра и влечам нешто но без значаен отпор. Клен околу 500 грама. Би му направил мерак на некој тапарош.

Само што го пуштив и префрлив и уште не се сместив убаво во столот кога ран. Вистински. Вади конец. Контра, едно пумпање и нема ништо. Си отиде. Најверојатно не бил убаво закачен.

Во период од 14 до 17 часот на секои 2, 3, најмногу 5 минути тит. Ме држи во неизвесност но нема озбилен ран. Како да го нема крапот. Денот ми помина во префрлање и менување на боили.

Боилата од 16-ка за час час и половина стануваше 8 па и помала.

По 18 часот до стемнување 2 рана и две риби. Ми се врати самодовербата. Ќе зајаде крапот конечно, но приказната тука завршува. Ниту тит. Само се слуша како се бањаат крупни крапови. Само овие се покрупни од минатата вечер или се поблиску. Многу силно се слушаат. Иако студи надвор и не се гледа прст пред око излегов од шаторот. Краповите рипаат на влез во заливот од мојата десна страна.

Цел ден сум на цигари и кафе и пак не ми се јаде. И ракија не ми се пие. Правам салата и топлам гравче колку да утепам време. Иако сум станат пред 5 и не сум спиел цел ден, не ми се и спие. Времето никако не поминува, а студи . . . Пингвини во несвест паѓаат.

Бродот го танкирам со струја иаку ни 20% не сум ги испразнил батериите.

Здодевно. . . . . . Да имам фломастер и парче картон ќе нацртав смајли да ми први друштво во ракијата. Се чувствувам како РОБИНЗОН КРУСО.

Петок 23 септември

Многу е ладно. Термометарот на ДАМ вагата покажува само 8 степени. Иако сум наоблечен со скоро се што носам и спијам во гумирана вреќа студи. Овој крап па и не мораше да ме разбуди во 4 часот. Додека го извадив. Додека ги префрлив сите 3 стапа стана веќе 5. Ќе се раздени за саат време каде и да е а не ми се спие. Додека се стоплам и успијам ќе треба повторно да станувам. Го палам плинското решо да го загреам шаторот.

Се спремам да ставам кафе и ми светнува. Носам со мене крем чорби од печурки и домати, а најдобро баш жешка чорба ќе ме загрее. Има време за кафе. Цел ден е пред мене.

Се раздени прекрасно утро. Пука сонце и се печам како гуштер. Чекам на ран. На час и половина менувам бојли и само чекам. Пројде и пладне и чекам.

Одеднаш, без било каква најава, почнува да пишти сигнализатор. Секунда две сум дури и збунет. Што се случи. Краток трк и адреналинот расте. Убаво влече. Се бори. Полека го привлекувам кон брегот, но не се дава. Убава риба. Ако и не е толку голем извонредно е борбен. Бега во лево каде е шума од гранки под вода. Успевам да го задржам и свртам на десно кога по неколку секунди го снема отпорот. Се откачи на пола пат. Вадам празна јадица . . .

Повторно во столче и чекам. Ги нема ниту оние досадни титкања на ситна риба како претходниот ден.

Секакви мисли ми се мотаат низ глава. Од барање на грешки во риболовот, подобрување на бродот па до Робинзон Крусо. За разлика од мене он го имаше Петко, а кого јас имам. Вчера се мотаа тука во заливот неки тапароши но денес нема ни жива душа. И кога слушам над мене горе се паркира некоја кола.

Се симнуваат тројца полека. Натоварени и оптимистички расположени. Млад дечко и двајца повозрасни. Оставија една тура опрема и полека по останатата опрема. Едниот оди полека кон мене и ми вели: - Боби Брада? Јас сум Јоцо, Фиксна. Од форум. Стварно сум Робинзон Крусо. Денес е петок и еве ми го Петко.

Додека се запознававме удри крап. Петко веднаш се фати за кепчето како да бевме договорени и крапот за кусо време заврши во сак.

Не ни требаше многу време да разврземе муабет како стари пријатели. Им го понудив моето гостопримство и веднаш се фузиравме. Почна вистинска дружба пошто се распремија и заземаа позиции за риболов. Набргу се стемни и се прејде на подготвување на скара, салати . . .

Му понудив да преспие кај мене во шатор наместо во кола. Муабет и муабет и не бевме свесни кога заспавме.

Сабота 24 септември

Длабокиот сон 2 пати ни го наруши крап. Едниот веднаш беше вратен назад во вода бидејќи беше маломерен.

Нешто по 5 часот повторно се јави убав крап. А околу 7 част удри клен од кило и тоа беше се за сабота. Сигнализаторите не се јавија повеќе со ран. Титкања и спуштања на свингерите имаше. Ситна риба. Попадика која одвреме навреме и на јадица ќе беше извадена.

Во дружење и муабет не ни забележав кога пројде денот. Фиксна со своето друштво се спакува и замина со вечерниот термин за поминување низ Јасен, а јас повторно останав сам.

Недела 25 септември

Нема што да се каже за недела. Немам удар на крап од вчера од 5 часот. До вечер додека не си појдов тоа е 36 часа. Ваква неактивност на риба досега не сум доживеал на Козјак. Овој септември не е нешто посебно по различен од минатата или предминатата година кога во овој период имав доста риба. По десетина удари дневно. Можеби не сите во мерка но било интересно.

И други 5 - 6 екипи кои ги имам контактирано се жалат на потполна неактивност на крапот. Причината е можеби во нивото на водата која континуирано опаѓаше. Околу педа дневно. Од среда на пладне до недела на пладне водата се повлече по брегот на мојата локација за околу 5m, односно околу 1m висински.

Се надевам дека во догледно време или никојпат повеќе нема сам да одам по риба. Многу е ЗДОДЕВНО, а и времето на Робинзон Крусо одамна е поминато.


Медија

Прегледано 4035 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo          spin fly          pastrmka          bistroinspekcija