Испечатете ја страната
Мушичарење на клен (на река)

Мушичарење на клен (на река)

Кон крајот на пролетта, во мај, кога надојдените водите на реките ќе се повлечат, се отвора правата сезона за мушичарење на клен. Кленот најчесто може да го најдеме во средните и долните делови на водените текови, по длабоките вирови или на премините од вир во вир. На лето, кога водата е најтопла, знае да се појави и во најголемите брзаци, чекајќи водата да му донесе храна.

1

Кленот е доста атрактивна риба за мушичарење, пред се затоа што најчесто се лови на суви мушици при што се гледа нападот на мушичката. Проблемот кај сувите мушици е што редовно ги напаѓаат помалите кленови први, додека големите се попретпазливи.

Најубаво време за улов на капитален клен е рано наутро, пред изгрејсонце, кога капиталните кленови бараат храна скоро до површината, пред да се повлечат во “скривалиштата“, и на зајдисонце, кога повторно излегуваат по храна. На зајдисонце риболовот може да биде и најатрактивен, поради најголемата активност на кленот, како и спектакуларните скокови кои ни го креваат адреналинот додека ја упатуваме мушичката кон местото на потенцијалниот удар.

2

Преку ден, посебно при топло време, капиталните кленови најчесто се кријат во подлабоките вирови, под паднатите дрва и препреки, во помирните места каде што се безбедни, а истовремено имаат пристап до храна. Во таквите случаи можеме да пробаме да ги извадиме од скривалиштата со малку поризични зафрлувања со нимфи или стримери на потенцијалните места каде што се кријат.

3

Од опрема може да користиме трски од класа 4-6, со соодветен шнур, конусен предвез од 2,5 – 3 метри, и јас препорачувам типетот да биде од флуорокарбон, бидејќи лани летото ми се случи на видено , на бистра вода, да не добијам удар на обичен типет од монофил, се додека не го сменив со флуорокарбон, а мушицата остана иста.

Зафрлувањето го изведуваме малку поостро, за разлика од мушичарењето на пастрмка, бидејќи тука не ни е потребна фина презентација, туку слаб удар на мушицата на водата, што ќе го привлече вниманието на кленот. Може да зафрлуваме директно на местото каде што очекуваме удар, а може и да ловиме со т.н. dead drift (мртво возење) на мушичката.

4

Доколку користиме стримери за кленот, највеќе се препорачува добро познатиот Wоolly Bugger. Стримерот би го зафрлале попреку или низводно, под местото каде што се крие кленот.

5

Како што напоменав погоре, за риболов на клен може да користиме и нимфи. Кленот не е многу пребирлив во однос на храната, така да може да го ловиме на реалистични имитации на ларви, пупи, гамаруси, како и на “фантастични“ нимфи. Многу рибари препорачуваат кленот да се лови со мушици на кои има црвена боја. Според она што го имам прочитано по разни мушичарски форуми, најголемите примероци на клен се ловат на нимфи. Истовремено, тоа е и најтешкиот облик на мушичарење на клен, со најмал број на удари, што предизвикува голем број мушичари воопшто да не го практикуваат или да не му даваат доволна минутажа.

Еве дел од нимфите за клен:

67

89

При мртвото возење (dead drift) најчесто се користат влажни мушици кои имитираат мртви мушички носени од водата во самиот воден филм. Тие се зафрлаат над местото каде што го очекуваме ударот и се оставаат водата да му ги сервира на кленот.

Пример за влажни мушици:

1011

1213

При риболовот со суви мушици имаме најголем избор на мушици и техники. Може да се користат имитации на мали еднодневки кои кленот секогаш е расположен да ги собере од површината, да се користат терестријални имитации (мравки, оси, бумбари, скакулци), како и “фантастични“ мушички т.н. стимулатори кои со своите бои и изглед ја предизвикуваат рибата без да имитираат било каква мушичка.
Не ретко знае и клен капиталец да удри на сува мушичка, но најчесто први напаѓаат помалите кленови кои се најблиску до површината. Јас од сувите мушици најчесто користам мушички од типот на Red Tag, во било која варијанта, палмер мушички (најчесто со тело од паун и намотан хакл од петел на палмерски начин), имитации на мравки (црни и со боја на цимет), а во последно време се повеќе користам меснати бумбарчиња.

Стимулатор:

14

Суви еднодневки:

151617

Палмер мушички (втората се вика hot butt caddis):

1819

И за крај, терестријални мушички:

202122

Прегледано 6810 пати